Илинден 1903: Воено-научна дисекција
Илинденското востание од 1903 година претставува еден од најсветлите, но и најтрагичните моменти во македонската историја. Тоа е искрата од која подоцна ќе изникне македонската државност, настан кој…

Илинденското востание од 1903 година претставува еден од најсветлите, но и најтрагичните моменти во македонската историја. Тоа е искрата од која подоцна ќе изникне македонската државност, настан кој со децении го обликува колективниот идентитет и националната свест. Меѓутоа, за да го разбереме неговото вистинско значење, не смееме да останеме само на нивото на херојска легенда. Потребен е еден освежувачки, критички и, пред сè, воено-научен поглед кој ќе ги анализира неговите тактики, ќе ги идентификува грешките и ќе понуди одговори на прашањата кои и денес се отворени.
Тактичките концепти: Крушево и Демир Хисар
Основната воена теорија на која почивало Илинденското востание била јасна: за да биде успешно, востанието мора да се прошири на што е можно поголема територија. Со тоа би се обезбедила помасовна поддршка од населението, а непријателот би бил принуден да ја развлече својата воена техника и човечки капацитети на широк фронт. Овој план предвидувал востание да започне во Серскиот, Солунскиот, Струмичкиот, Скопскиот, Битолскиот, Костурскиот, Леринскиот, Охридскиот, Преспанскиот и Кичевскиот револуционерен округ и на крајот да добие поддршка од соседите и од силните христијански држави во Европа кои би виделе свој интерес во независноста на Македонија.
Меѓутоа, реалноста била сосема поинаква. Додека во Битолскиот револуционерен округ востанието започнало според планираното – со паѓањето на ноќта на 2 спроти 3 август – во Скопскиот округ, кој требало да биде клучен за успехот, востанието останало пасивно. Оваа неуспешна координација се покажала како фатална, бидејќи токму од Косово, на 10 и 11 август, пристигнала турската војска која ќе го задуши Крушевското востание. Концентрацијата на востаничките сили во Крушево, дополнително го олеснило делувањето, планот и распоредот на турските сили, требале да удрат само на една точка – Крушево.
Во Демир Хисарскиот регион, кој бил организациски и стратешки центар на востанието, состојбата била поинаква. Смилево, како седиште на Главниот востанички штаб предводен од Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, било подолг период слободно од Крушево – цели 26 дена (од 2 до 28 август), за разлика од Крушевската Република која траела 10 дена. Ова сведочи за подобра организација и поголема отпорност во планинските терени на Демир Хисар, каде герилската тактика била поприменлива отколку во урбаните средини.
Клучниот проблем бил во тоа што востаничките сили биле хронично недоволно вооружени. Додека востаниците располагале со околу 20.000 лошо вооружени борци и селани, турската власт фрлила 200.000 армија и одреди башибозук (паравојска за правење проблеми). Овој однос на силите од 1:10 не можела да го надомести никаква тактика, колку и да била генијална.
Грешките кои се направени
Првата и најкрупна грешка била политичката и воената раздвоеност меѓу водачите. Гоце Делчев сметал дека е рано за востание, за жал загинал неколку месеци пред август 1903, па и не можел да влијае директно на одлуките и на обединувањето на водството (да бил жив, можеби ќе ги стегнеше сите да ја следат неговата одлука), Никола Карев првично бил против, додека Јане Сандански застапувал став дека Македонија треба да добие независност преку дипломатија, а не со револуција. Оваа поделеност резултирала со неконзистентна стратегија и неможност за единствена команда.
Втората грешка била погрешната процена на меѓународните околности. Востанието било планирано да трае максимално долго за да предизвика интерес, мешање и интервенција на големите сили. Оваа стратегија се покажала како погрешна – големите сили останале пасивни, а соседните држави, наместо да помогнат, го дочекале неуспехот со злорадост. Грција го гледала востанието како „бугарска“ организација, Бугарија го присвојувала како свое, ама со уште поголемо задоволство го прифатила како неуспешно без да даде поддршка во 100.000 пушки кои наводно ги ветила, а со тоа само си ја потхранува својата девиза без – Софија – овие Македонците ништо не можат да направат, а Србија подоцна ќе ги уништи и спомениците на Мечкин Камен – веројатно го гледале и Србите ова како бугарско масло :).
Третата грешка била недоволното искористување на теренските предности. Иако Демирхисарскиот регион бил одлично избран – сместен меѓу планините Бигла, Круша, Баба, Илинска, Смилевска и Крушевска – востаниците не успеале да изградат систем на герилски делувања и логистика кој би им овозможил подолготрајна борба и одбрана.
Герилската тактика „Hit and Run“, психологијата на неизвесноста и епилогот на недовршениот судир
Воено-научната анализа на Илинденското востание не би била целосна без детален осврт кон основната тактичка доктрина на востаниците – т.н. Hit and Run (удри и бегај). Оваа тактика, која денес во воената терминологија ја нарекуваме герилско војување, не била за жал дефинитивен избор, иако реалноста на теренот и расположивите ресурси го барале тоа.
Востаниците, кои биле бројчано инфериорни, послабо вооружени и без артилерија, без логистика, без подддршка од некоја голема светска сила, немале можност да водат класична фронтална битка со регуларната турска армија. Нивната единствена предност била познавањето на теренот и поддршката од локалното население - ако им ја дало. Оттука, тие требале да се концентрираат на ненадејни напади врз турските гарнизони, напади на тусски патроли, заптии, пресекување на комуникациските линии и брзо повлекување во планинските засолништа, и потоа одново (вака го ослободиле Крушево, а немале капацитети да го бранат). Оваа тактика би создавала постојана тензија и неизвесност кај турските сили. Востаниците не би се бореле за територија во класична смисла – тие се бореле за време и за меѓународно внимание. Секој успешен напад, колку и мал да бил, претставувал удар врз престижот на империјата и сигнал за големите сили дека Македонија не е мирна провинција. Меѓутоа, оваа тактика имала и свои ограничувања – циклус на напади и одмазди на цивилно население; Турците возвраќале, палеле села и вршеле масакри, апселе...
Сепак, герилата ќе создадела некои „придобивки“ – судирот би останал недовршен, без категоричен победник и без дефинитивен поразен. Турската империја би излегла победничка на бојното поле, но поразена во очите на своето население и на меѓународната заедница. Таа би потрошила огромни ресурси, ги разголила своите слабости и покажала дека не може ефикасно да управува со својата европска провинција. Оваа двојна перцепција – дека нема ниту целосен победник, ниту целосен поразен – би имала огромно психолошко значење. Може и некоја од големите сили ќе видела некој свој интерес во создавањето на Македонска држава.
Дали тоа било однапред загубено востание?
Од чисто воена перспектива, одговорот е потврден. Со 20.000 лошо вооружени востаници против 200.000 професионални турски војници, со поделени водачи и без надворешна поддршка, со концентрација на востанието во Крушево, успехот бил речиси невозможен. Како што констатирал и Крсте Мисирков, востанието не било дело на сите Македонци, туку на „егзархистите“ (во смисла оркестрирани и подбуцнато од Бугарија со цел да не успее) и затоа било осудено на неуспех.
Но, воено-политичкиот неуспех не значи и историски неуспех. Илинден создаде мит, традиција и државотворна свест без кои подоцнежното македонско ослободување би било незамисливо. Востанието можеби предизвикало реакции во меѓународната заедница и го поставило македонското прашање на агендата на големите сили.
Крушевскиот манифест – револуционерен врв
Она што Илинденското востание го прави уникатно во воената историја не е само неговата борбена компонента, туку и неговата политичка визија. Крушевската Република, воспоставена на 3 август 1903 година, била организирана врз републиканско-демократски и револуционерни начела.
Нејзиниот најсветол документ – Крушевскиот манифест – претставува директен духовен наследник на Француската револуција од 1789 година. Напишан на 6 август 1903 година, тој ги повикува сите жители на Македонија – без разлика на вера и народност – да застанат под знамето на борбата против тиранијата.
„Браќа земљаци и мили комшии! Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и от неговите китни села без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крв и гладните за човечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас,...“
Овие зборови одекнуваат на идеите за слобода, братство и еднаквост – темелните вредности на Француската револуција. Она што е извонредно е фактот дека манифестот бил намерно напишан на локален македонски говор и упатен дури и до турското население, со јасна порака дека борбата не е против народот, туку против угнетувачкиот систем.
Оваа инклузивна визија за едно мултиетничко општество, изразена пред повеќе од еден век, претставува политички врв кој и денес инспирира.
Мечкин Камен – непрочитаното бојно поле
Битката кај Мечкин Камен, одиграна на 12 август 1903 година, е најголемата и најкрвавата борба на Илинденското востание. Тука, на скалистото плато на Биринската Планина, се судриле околу 240 востаници предводени од војводата Питу Гули против над 2.000 турски војници. Резултатот бил рушење на Крушевската Република.
Она што е зачудувачки во воено-научна смисла е недостигот на систематски истражувања на ова бојно поле.
Дали е некогаш направена реанимација на настанот – со 300 востаници распоредени во областа? Што точно се случувало тие неколку часа на Мечкин Камен? Како била организирана одбраната? Каде биле позициите на востаниците, а каде на турските трупи?
Овие прашања остануваат без одговор во современата македонска историографија. Исто така, не постојат археолошки истражувања кои би утврдиле дали на камењата има траги од шрапнели или дупки од куршуми кои би сведочеле за интензитетот и природата на борбата.
Повик за воено-научна разработка
Илинден е искрата на македонската држава и ние сме горди на него. Меѓутоа, гордоста не смее да биде пречка за научната вистина. Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и историските институти во Македонија имаат обврска и должност да ги разработат овие прашања.
Потребни се:
Детални воено-историски студии за тактиката на востаниците, анализа на нивните движења, комуникациски линии и логистички капацитети.
Теренски истражувања на Мечкин Камен со цел да се утврди точното место на битката, распоредот на силите и евентуалните материјални докази за борбата.
Компаративни анализи со други востанија од истиот период за да се идентификуваат успешните и неуспешните тактички модели.
Симулации и реконструкции на бојните полиња со употреба на современа воена наука.
Интердисциплинарни пристапи кои ќе ги поврзат историјата, археологијата, воената наука и политикологијата.
Заклучок
Илинденското востание од 1903 година е истовремено и воен пораз и политичка победа. Воено, тоа било однапред загубено – соочено со немерлива турска супериорност, поделено водство, недоволна координација и непријателски настроени соседи. Но, политички, тоа ги постави темелите на македонската државност и создаде идентитет кој ќе преживее во децениите што следат, и ќе биде идеолошка водилка на македонското партизанско движење.
Крушевскиот манифест, со својата републиканска визија инспирирана од Француската револуција, останува еден од најубавите политички документи во македонската историја и на кој јас сум посебно горд. Битката на Мечкин Камен, пак, чека на својот воено-научен расвет.
Како народ, имаме обврска кон илинденците – не само да ги славиме, туку и да го разбереме нивното дело во сета негова сложеност. Само така, Илинден ќе престане да биде само легенда и ќе стане научно документиран темел на македонската држава
Поврзани статии
Чернобилската сенка од стара 40 години
Дваесеттиот век беше дефиниран со нашето владеење на атомот, ера кога основните градивни блокови на реалноста конечно беа потчинети на човечката волја. Со децении, нуклеарната енергија се гледаше како „моќна роднина“ – добронамерна, иако темпераментна сила, способна да ги реши незаситните енергетски потреби на светот и да отвори ера на цивилизациска слобода.
Мајкрософт отпушта 4.800 вработени
Мајкрософт објави отпуштање на 4.800 вработени, односно 2,1% од работната сила, како дел од голема преструктуирање и намалување на трошоците.
Доба на полупроводниците: Од песок до вештачка интелигенција
Tранзисторите често се „невидливи“ за пошироката јавност, тие се најзначајниот изум на модерното доба, без кои не би постоеле мобилните телефони, интернетот, ниту современата економија.



